Шоу на Митревски во Букурешт - од загубен натпревар донесе бод за Доброгеа Суд

Динамо Букурешт и Доброгеа Суд одиграа драматично дерби во рамките на 18. коло на романскиот шампионат во ракомет. Голманот на македонската репрезентација, Николче Митревски беше централна фигура на натпреварот и со серија на одбрани во второто полувреме, од загубен натпревар на својата екипа и донесе реми, а Доброгеа Суд имаше и шанса за победа.

Динамо Букурешт доминираше во првиот дел, водеше со 18-10 на полувреме, а во еден момент предноста достигна и десет гола (21-11). Влегувањето на Митревски донесе пресврт, се истопи предноста на екипата од главниот град, па дури и гостите од Констанца поведоа со 28-29. Сепак, Динамо Букурешт на десет секунди до крајот израмни и спаси бод (29-29).

Митревски со 11 одбрани одлично се врати по повредата поо Европското првенство, а Чутура и Цог со по шест гола беа најефикасни во тимот во кој покрај Митревски, настапи и Велко Маркоски и поранешниот кружен напаѓач на Металург, Младен Ракчевиќ, а спортски директор е Бранислав Ангеловски.

Политехника Темишвар е лидер со 41 бод, а Доброгеа Суд се искачи на четвртото место со 37 бода.