Шоу на Кузмановски, непобедливиот Охрид падна во Битола!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја забележаа третата победа во низа во домашниот шампионат и пред својата публика без поголеми проблеми го средија Охрид со 25-22 (14-9) и направија скок од едно место на табелата во Суперлигата.

  • Комплетниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и Охрид:

Охриѓани во Битола гостуваа како една од двете екипи кои по првите шест кола запишаа исто толку победи, покрај Алкалоид, но во „Боро Чурлевски“ наидоа на разигран и поквалитетен противник. Еурофарм Пелистер го одигра најдобриот натпревар оваа сезона во домашниот шампионат, на паркетот одново блесна Филип Кузмановски и шампионот одново ги израдува битолчани, по првиот бод во Лигата на шампионите во средата против Спортинг.

„Гладијаторите“ на поранешниот тренер на Пелистер, Стевче Алушовски, беа рамноправен противник само во воведните минути (4-4), а потоа „зелено-белите“ ја направија првата позитивна серија и поведоа со 9-4. До крајот на првото полувреме шампионот го сочува сигурното водство од пет гола разлика (14-9), а на стартот од второто Еурофарм Пелистер со нова серија се одлепи на највисоки +8 и ги згасна сите надежи на противникот за изненадување во Битола. 

Капитенот Кузмановски со десет голови беше вистински лидер на пелистерци, а одличен беше и Павле Атанасијевиќ со четири погодоци и тоа сите во второто полувреме. Кај Охрид се истакнаа Ојлески и Матцуока со по пет гола.