• Горан Упале
Екипата на Бутел Скопје забележа сензационална елиминација уште во првото коло од ЕХФ Европскиот Куп, откако пред својата публика во Скопје го загуби реваншот од Дуделанж со 24-29 и на тој начин ги заврши настапите на меѓународна сцена оваа сезона. Пред една седмица македонскиот суперлигаш славеше на гости со 27-31.
За разлика од првата средба пред една седмица, во која нашиот претставник го имаше водството уште од првата минута и сигурно ја градеше победата, денес гостите од Луксембург изненадија со својот перформанс и одиграа квалитетно на паркетот во малата сала на СЦ„Јане Сандански“.
Уште од самиот старт Дуделанж тргна со два врзани гола, по што следуваше одговор на Филип Николов за 2-2. Бутелци продолжија со серија и со нови два гола поведоа со 4-2, но гостите експресно се вратија и по десет минути игра резултатот беше 7-7. Покрај Николов, во таборот на Бутел се разиграа и Дамјан Субашевски и Тодор Узинчев, но и гостите имаа свои адути и на полувреме се изборија за предност од еден гол (12-13).
Гостите не попуштија ниту по паузата. Дуделанж квалитетно го отвори второто полувреме и за првпат поведе со четири гола разлика (15-18). Сепак, момците на Кузманоски конечно се ослободија од притисокот и заиграа како што се очекуваше од нив. По 17-20 за гостите, следуваше серија од 5-0 на бутелци, која им донесе водство по подолго време. Гостите не се предадоа, возвратија речиси идентично и во самата завршница се влезе со егал резултат (22-22). Во клучните моменти помирна рака имаа ракометарите од Луксембург и извојуваа триумф од 24-29 и со тоа обезбедија пласман во следната рунда во ова натпреварување.
Субашевски со седум, Узунчев со пет и Николов со четири гола беа најпрецизни во таборот на Бутел, а за победничкиот тим по шест гола постигнаа Лабонте и Етуте. Во второто коло Дуделанж ќе се соочи со Раховеци од Косово, кој беше слободен во оваа фаза.
Македонија во ЕХФ Европскиот Куп се надева на останатите два претставници, Тиквеш и Охрид.






