Шкоф ќе остане во Лудвигсхафен, но призна: Томовски мора да биде во прв план!

Македонскиот интернационален голман, Мартин Томовски ја одигра дебитантската сезона во Бундеслигата, каде го бранеше голот на Лудвигсхафен. 

Томовски во оваа екипа има можност да работи со искусниот Горазд Шкоф, кој ја продолжи соработката со клубот иако за неколку дена ќе наполни 43 години. Словенецот има што да го научи својот помлад колега бидејќи во својата кариера бранеше за 13 клубови, меѓу кои и ПСЖ.

Самиот чувар на мрежата призна дека веќе е во поодминати години и смета дека тренерот треба да му даде повеќе шанси на Томовски. 

„Малку сум постар, затоа сум свесен за ситуацијата. Им кажав на клупските претставници дека треба повеќе да го туркаме Мартин во прв план. Тој мора да добие повеќе шанси“, изјави 43-годишникот. 

Шкоф беше голман и на репрезентацијата на Словенија, каде стоеше меѓу стативите од 2001 до 2016 година за кого запиша 188 натпревари.