Шишкарев: Минатата сезона заминавме во Келн не знаејќи дали ќе се вратиме во Скопје...

Русинот Данил Шишкарев во наредните две сезони ќе тресе мрежи во унгарски Веспрем и ќе биде соиграч на нашиот Дејан Манасков. По шестгодишната успешна соработка со Вардар, десното крило си замина и одлучи да ја продолжи кариерата во Унгарија.

Неговите спомени од македонскиот клуб ќе останат вечни, а тоа го потврди со последната изјава. Со „црвено-црните“ освои две титули во Лигата на шампионите и многу други признанија во домашното првенство и СЕХА лигата.

„Во двете финалиња во Лигата на шампионите нè водеа срцето, пасијата и честа. Поминавме тешки времиња, не добивавме плата долго време, а имавме и многу сомнежи за нашата иднина. Минатата сезона заминавме за Келн не знаејќи дали ќе се вратиме во Скопје. Победивме бидејќи повеќе го посакувавме успехот и не чувствувавме никаков притисок. Успеавме да ги оставиме сите грижи дома, се фокусиравме само на целта пред нас и на крај едвај го завршивме финалето“, вели рускиот интернационалец.

Шишкарев ја започна кариерата во Астракан, потоа замина во Чеховски Медведи, а од 2014 година до крајот на оваа сезона беше дел од вардаровото семејство.