• Саше Љолес
Екипата на ГРК Охрид во следното коло од македонската Суперлига ќе се сретне со младиот и амбициозен тим на Аеродром. Охриѓани се третопласирани во групата А и ќе ја имаат фаворитската улога на гостувањето во Скопје, но и аеродромци посакуваат поволен епилог од овој натпревар.
Младиот Никола Шипинкоски со оптимизам гледа на дуелот со скопскиот суперлигаш и најавува максимален пристап со желба за освојување на трите бода.
„Гостуваме кај тимот на Аеродром, кој е доста амбициозен и сигурно нема да го потцениме. Сите ривали во Суперлигата се квалитетни, но ние веруваме во нашите можности и одиме по нови три бода во Скопје“, кратко изјави Шипинкоски.
Охрид досега забележа девет победи и три порази, додека Аеродром има четири триумфи и е во низа од исто толку мечеви без победа. Скопскиот состав сигурно ќе се обиде на домашен терен да стигне до позитивен резултат, но тука ќе се прашува сигурно и гостинот од градот крај езерото.