• Саше Љолес
Екипата на Барселона ја оправда фаворитската улога и го совлада тимот на Висла Плок со конечни 30-24 во натпреварот од седмото коло во групата Б од Лигата на шампионите.
Каталонскиот гигант ја создаде клучната предност во второто полувреме, откако на паузата резултатот гласеше 12-12, но потоа ги презема нештата во свои раце и заслужено го впиша шестиот триумф во групната фаза.
Полјаците имаа голем кризен период во вториот дел, кога дозволија негатива од седум голови, по што стана јасно дека шпанскиот состав нема да има проблеми да ги освои бодовите. Најдобар поединец кај Барса беше Алеиш Гомез Абељо со девет постигнати голови, а кај Висла пет погодоци забележа Французинот Мелвин Ричардсон.
Во натпреварите од групата А, францускиот Нант немаше проблеми на домашен терен и го совлада Динамо Букурешт со 35-28, а германскиот Фуксе Берлин се избори за победа кај португалскиот Спортинг со конечен резултат 37-38.
Осмото коло на Лигата на шампионите се игра следната среда и четврток.








