Шести Мундијал, шести селектор – Раул како Шундо, Обрван, Червар...

Gol.mk на Светско првенство во ракомет 2019

Раул Гонзалез е шестиот наш селектор на шестото Светско првенство, на кое „црвено-жолтите“ се квалификуваа. Во Египет во 1999 година нашата мундијалска премиера ја водеа Стевче Стефановски и Драган Нишевиќ. Тоа е единствениот Мундијал на кој не ја минавме групната фаза, но самиот пласман беше окарактеризиран како успех.

Од Хрватска во 2009 година се роди ракометната треска во нашата земја. Во Вараждин, Задар и Загреб селекцијата ја предводеше Илија Темелковски и тоа се покажа како полн погодок. Така, го освоивме 11-то место, што и денес е респектабилно остварување.

Во Севиља и Барселона во 2013 година на селекторската клупа седеше Звонко Шундовски. Нашиот најуспешен селектор ја оствари целта, ја мина групата, но си поднесе оставка само два дена по елиминацијата од Германија во осминафиналето.

Со Ивица Обрван во Доха во 2015 година ја одигравме најдобрата групна фаза на Мундијлите. Загубивме само од Хрватска, а рутински ги преслушавме останатите четири противници. Сепак, во осминафиналето загубивме од Словенија и пропадна можноста за историја.

Лино Червар по долги перипетии седна на нашата репрезентативна клупа во Мец 2017 година. Со револуционерна тактика „седум на шест“ и два голмани дебитанти од македонското првенство, Червар ја мина групата и покрај поразот од Норвешка во првиот елиминационен натпревар, турнирот беше позитивен.

Сега е ред на „Ел Команданте“ и тоа една година по Европското првенство во Хрватска, каде бевме на тенката линија меѓу сензација и разочарување. Можеби баш по таа линија ќе одиме и во Германија и Данска оваа зима.