Шест гола на Лазаров, реми на Нант и Аикс

Македонскиот капитен Кирил Лазаров имаше солидна партија за Нант, но, за жал, не ја круниса со победа. Реми кај Нант извлече Аикс Провенс (23-23), во дербито на тимовите кои се борат за место во Европа.

Нант важеше за фаворит на хартија, но не успеа да дојде до победата. Имаше предност од три гола во првиот дел, но во второто полувреме противникот, воден од поранешниот тренер на Нант, Тјери Анти, се врати и се играше драматична завршница во која домаќинот можеше лесно да загуби.

Валеро Ривера имаше седум гола за Нант, пред Лазаров со шест (3/6 од игра, 3/4 пенал), додека кај Аикс Прованс, Лоеш реализира шест пати, пред Гарсиандриа со три постигнати гола.

Нант е на петтото место во Лидл Старлигата со 17 бода, додека Аикс е четвртопласиран со 21 бод.