Шарановиќ броеше до 16 за Куманово, сигурни и Чаир и ЖРК Вардар

Лидерот во женскиот ракометен шампионат на Македонија, екипата на Куманово, продолжи со доминантните партии, славеше убедливо (18-54) на гости кај РК Кузман-Вардар и е сигурен на првата позиција.

Избраничките на Ненад Краљевски константно водеа цела средба и во ниту еден наврат домаќинот не беше близу. Разликата беше евидентна уште на полувремето кога резултатот гласеше 12-23. Најдобра кај победникот беше Ана Шарановиќ која реализира 16 гола, пред Марковиќ со седум и Бечирхоџиќ со шест гола. Кај РК Кузман Вардар, Јовевска имаше шест реализации.

Второпласираниот тим ЖРК Вардар беше сигурен кај ЖРК Овче Поле СУ во Свети Николе (23-30). Слично како и на првата средба, гостинот од Скопје доминираше, на полувреме имаше 9-15 и епилогот во салата „Цар Самоил“ беше јасен. Најдобра беше Галвска со седум а Диневска заврши со шест гола, додека кај домаќинот Вучевска имаше осум.

ЖРК Чаир на домашен терен беше убедлив против Ѓорче Петров (37-25). Николовска и Алексоска дадоа по седум гола, пред Рахмани со пет, додека кај ѓорчепетровки Цветановска шест пати ја тресеше мрежата.

Во најнеизвесниот дуел РК Спартак беше подобар од ЖРК Гевгелија (29-26). Гроздановска беше прво име кај домашните со девет гола, пред Коларовска и Ѓошевска со по шест гола, додека кај гевгеличанки не помогна Митрова со десет реализации.