„Шарениот“ Вардар со десет добри минути го реши Пролет

Македонскиот ракометен првак Вардар со победа ја почна одбраната на титулата во македонскиот шампионат и во СЦ „Јане Сандански“ го совлада тимот на Пролет (33-26).

Иако со половина тим, вардарци успеаја да се справат со ривалот. Доволно беа моќни десетина минути, на отворањето на вториот дел, за да се запише сигурна победа. За Вардар ова беше прв натпревар на домашната сцена во рамки на Суперлигата, поради СЕХА-обврските и Лигата на шампионите.

Вардар и Пролет на големо изненадување играа едно полувреме егал-натпревар, пред се затоа што во тимот на првакот играа претежно младинци. Најмногу што „црвено-црните“ водеа во првото полувреме беше три гола, со 12-9, но Пролет успеваше да се врати во мечот и дојде до 14-13. На паузата резултатот гласеше 16-16, а првиот дел го одбележа доста груба игра и многу пенали.

Стартот на вториот дел беше моментот кога се направи разликата. Парондо на терен ги прати најзвучните имиња што ги имаше на располагање - Скубе, Мораеш, Војводиќ, Чупиќ, Поповски и Недановски, па тие успеаја да направат разлика. Премногу брзо Вардар успеа да се одлепи на 25-18 и потоа константно да диктира темпо на игра.

На семафорот потоа стоеше 27-20, позитива која вешто се задржа до финишот. Поповски со девет и Војводиќ и Чупиќ со по пет гола беа најефикасни во таборот на Вардар. Аларов и Џонов со по пет погодоци се истакна кај гостите предводени од тренерот Матлиески.

Во наредните кола Вардар го чекаат натпревари против Еурофарм Работник и Металург, додека Пролет ќе игра против Пелистер.

Суперлига, ПЛЕЈ ОФ МАЖИ
ОН П Н И Гол. ГР Форма Бод.
1 Еурофарм РаботникЕурофарм Работник 3 2 0 1 92:80 12 6
2 ВардарВардар 2 2 0 0 63:54 9 6
3 МеталургМеталург 3 2 0 1 85:84 1 6
4 ПелистерПелистер 3 1 0 2 81:88 -7 3
5 Пролет 62Пролет 62 3 1 0 2 78:88 -10 3
6 Бутел СкопјеБутел Скопје 2 0 0 2 51:56 -5 0