• Горан Упале
Вечерва и официјално започнува новата ракометна сезона во Македонија и тоа со борба за првиот трофеј. Веќе неколку години најдобрите екипи од минатиот шампионат учествуваат во Суперкупот на Македонија, а на дуелот во Гевгелија ќе се судрат шампионот Еурофарм Пелистер и освојувачот на Купот – Алкалоид.
Пелистерци одиграа преку десет контролни натпревари, настапија на три турнири, а трофејот го освоија во Струга. Тренерот Бранислав Ангеловски имаше доволно време и натпревари да ги согледа слабостите и предностите во својот ростер, па вечерва се очекува најдоброто од шампионот. Единствен проблем за „зелено-белите“ е повредата на словенечкиот среден бек, Домен Тајник, кој не одигра натпревар уште од Струшкиот турнир. Ланското засилување започна со тренинзи, па останува да видиме дали ќе добие шанса за настап на вечерашниот дуел.
На другата страна, пак, Алкалоид по базичните подготовки во Маврово, одигра солиден турнир во Охрид, каде беше совладан во финалето од Вардар 1961, додека на последниот тест забележа победа над Дубочица од Лесковац. Лазаров својот ростер го засили со четворица ракометари. Тројца Македонци (Никола Костески, Марко Кизиќ и Михаил Иваноски) и еден Португалец - Франциско Оливеира да Силва.
Битката за првиот трофеј во новата сезона ќе го судат нашите најдобри арбитри Славе Николов и Ѓорги Начевски. Еурофарм Пелистер игра за третиот Суперкуп-трофеј, додека Алкалоид ќе го бара првото одличје на овој настан.