Шампионот го заборави поразот од Вардар и убедливо го надигра Пролет

Еурофарм Пелистер го оствари четвртиот триумф во новата сезона од македонската ракометна Суперлига, откако славеше со убедливи 30-21 (20-9) над Пролет 62 во натпреварот од петтото коло. Дуелот се одигра пред околу 500 гледачи во спортската сала „Боро Чурлевски“, кои видоа убав ракомет, презентација на многу млади ракометари и допадливи акции и потези. Ангеловски ги одмори Тајник, Митревски, Радивојевиќ и Манасков, а лимитирана минутажа имаа и Кузмановски, Хосни и Пешевски.

  • Комплетниот натпревар помеѓу Еурофарм Пелистер и Пролет 62: 

Битолчани уште во првите триесет минути ја покажаа својата сила и успеаја брзо да се рехабилитираат од поразот во вечното дерби против Вардар. „Зелено-белите“ ја полнеа мрежата на Пролет од сите страни, а на паузата имаа водство од единаесет голови, 20-9. 

Гостите од Скопје за нијанса подобро го отворија вториот дел, успеаја малку да го ублажат силниот удар на актуелниот шампион, но во ниту еден момент не претставуваа никаква закана за домашниот состав. Во периодот околу 45. минута Еурофарм Пелистер имаше водство од 23-16, а до крајот само рутински ја заврши работата и славеше со конечни 30-21. 

Најефикасен ракометар кај битолчани беше Цветан Кузманоски со шест голови, Филип Кузмановски додаде еден помалку, додека во редовите на Пролет 62 прво име беше Томислав Димковски со шест погодоци, сите од седум метри.