Шамбери во Загреб ја пронајде замената за Никола Портнер

Францускиот прволигаш Шамбери експресно најде замена за Никола Портнер, кој следната сезона ќе го носи дресот на Магдебург. Хрватот Филип Ивиќ по само една година повторно ќе го напушти ППД Загреб и ќе се пресели во земјата на олимписките шампиони.

Шамбери и Ивиќ потпишаа договор на две сезони, заклучно со летото 2024 година. 29-годишниот голман во својот нов предизвик ќе влезе со завидно искуство, бидејќи освен за „плинарите“, играше уште за Целје Пивоварна Лашко, Киелце и Гумерсбах.

„Едвај чекам да заигра за Шамбери и да се сретнам со соиграчите, стручниот штаб и навивачите. Се работи за еден од најдобрите клубови, во најдоброто национално првенство во светот. Шамбери има богата историја, таму играа многу играчи кои се здобија со светска слава. Неколку од нив лично ги познавам и ми кажаа само најдобри зборови за клубот“, рече Ивиќ.

Заминувањето на Ивиќ сигурно значи и враќање на трансфер-пазарот на хрватскиот шампион и противник на Вардар 1961 во групната фаза на Лигата на шампионите, ППД Загреб.