Шафхаузен го скокна Еурофарм Пелистер, ГОГ едвај го победи Тримо

Екипата на Кадетен Шафхаузен славеше на гости кај Татабања (30-32) и го скокна Еурофарм Пелистер на табелата во Европската лига на ЕХФ на третото место на табелата од групата Д.

Унгарскиот тим скапо ја продаде кожата, а Шафхаузен до посакуваниот триумф дојде во последните петнаесет минути од мечот, кога влезе во серија и со три гола во низа од 28-28 се одлепи на 28-31.

Часар постигна десет гола во мрежата на Татабања, пред Барток и Фримел со по шест, а кај домашните најдобар беше Ѓери со шест реализации.

ГОГ Гудме, пак, едвај го победи Тримо Требње (32-31) со гол во самиот финиш. Погодокот вреден полн плен го постигна Захарисен на половина минута пред крајот, а потоа истиот играч одигра добро во одбраната и блокира шут за реми.

На останатите натпревари Нексе беше подобар од ЦСКА (32-31), Ним го совлада Динамо Букурешт (32-29), додека Магдебург покажа доминација со Алингсас (36-21).

Преостанатите натпревари од деветтото коло се играат вечерва од 20:45 часот.