• Горан Упале

Македонскиот суперлигаш ЖРК Вардар по вчерашното прво засилување, денес впиша уште две нови имиња во ростерот, тоа се сестрите близначки Лашкоски.
Станува збор за ракометарки кои пристигнуваат од тимот на Металург Автокоманда. Ања и Мила Лашкоски, репрезентативки со извонреден талент и потенцијал, во иднина ќе бидат дел од „црвено-црните“.
Ања, која веќе настапи и на кадетското и младинското Европско првенство, покажа зрелост и борбеност што ретко се среќава на таа возраст. Нејзината посветеност и амбиција се доказ дека Вардар ја темели иднината во овие млади перспективни ракометарки. Станува збор за лево крило кое одлично игра во двата правци. На Европското првенство имаше одличен настап, беше избрана за МВП на натпреварот против Романија, а одлична е и во реализација на седмерци.
Заедно со нејзината сестра Мила, која е кружен напаѓач и исто така е дел од младинските репрезентативни селекции, овие две 17-годишни ракометарки ќе претставуваат засилувања на ЖРК Вардар за во сениорската и кадетската екипа.
