Серафимова: Комплетно се изгубивме во второто полувреме

Голманката Матеја Серафимова имаше одличен прв дел и ја држеше Македонија во игра на натпреварот против Чешка, но, сепак, вториот лош дел донесе неуспех во вториот евроквалификациски дуел (29-37).

По натпреварот, чуварот на мрежата на Македонија истакна дека лошиот втор дел на дуелот во Скопје го донесе вториот пораз за нашиот национален тим во циклусот за ЕП.

„Го изигравме прилично добро првото полувреме. Во вториот дел имавме пад во концентрација и игравме слабо во одбрана, не се покриваше со многу прекршоци. Имавме и технички грешки кои беа претворени во контри. Се надевам дека ќе се поправиме и ќе одиграме подобро на следните натпревари. Сите игравме добро во првиот дел и бевме вистинска екипа. Затоа и резултатот беше егал. Во вториот дел се изгубивме. Тоа беа силите и затоа не можевме да дојдеме до посакуваното. „Имаме доста време за да се подготвиме за следните средби против Португалија. Ќе дадеме сè од себе за да ги поправиме грешките и да се обидеме на тие дуели да победиме“, изјави Серафимова.

Голманката го заврши натпреварот со вкупно осум одбрани. Квалификациите за Македонија продолжуваат во март, кога се гостува во Португалија (25 март), а потоа со истиот ривал ќе следи и домашен натпревар, на 28 март.