Серафимов: Со Тарабокија сме посилни, очекувам да бидеме топ во Суперлигата

Металург вчера пристигна во Виена, каде вечерва со почеток во 20:45 часот, ќе го одигра натпреварот од деветтото коло на групната фаза на Лигата на Европа, против екипата на Фајверс.

Дуелот меѓу овие две екипи во Скопје заврши со поделба на бодовите, а во Австрија Металург допатува без четворица свои ракометари. Но, Металург е подготвен да даде максимум за да дојде до позитивен резултат, а тоа го смета и репрезентативецот Мартин Серафимов.

„Штета што повторно не сме комплетни, но факт е дека со враќањето на Тарабокија нашата игра се крена на едно повисоко ниво. Против Чеховски Медведи имавме значаен напредок во играта, а очекувам тој тренд да продолжи и на дуелот со Фајверс. Тоа е тим составен од искусни ракометари, но верувам дека нашата желба за победа ќе биде поголема од нивното искуство и дека тоа ќе се покаже пресудно на вечерашниот натпревар.

Мораме да играме на високо ниво. Имаме огромна желба, да напредуваме од натпревар во натпревар и со самото тоа да се подготвуваме за домашното првенство. Се надевам дека сето тоа ќе заврши во најдобар ред, веќе надминавме бројни проблеми со изолации и со позитивни играчи, го оставаме тоа зад нас и очекувам да бидеме комплетни и во топ-форма за клучниот дел од сезоната“, рече репрезентативецот. 

Европската ракометна федерација (ЕХФ) за овој натпревар ги делегираше познатите чешки судии Вацлав Хорачек и Јиржи Новотни, додека делегат ќе биде Австриецот Герхард Рејсингер.