Серафимов: Подготвени сме, очекувам полна сала и пласман во следната фаза

Мартин Серафимов со голем оптимизам го чека натпреварот на Алкалоид во Еврокупот на ЕХФ, каде неговиот тим ќе ги одмери силите со екипата на Вествиен од Австрија

Избраниците на Кирил Лазаров се надеваат на две победи во третото коло, а Серафимов се согласува со неговиот тренер. 

„Ние сме целосно подготвени да се надигруваме со ривалот. Ќе одговориме на нивната брза игра и се надевам дека ќе се радуваме на крај затоа што двата меча ќе ги играме на домашен терен.

Мораме да ги исполниме обврските од тренерот, само така ќе успееме да се пласираме во следната фаза. Очекуваме полни трибини, би сакал навивачите да уживаат во овие натпревари“, рече Серафимов. 

Алкалоид Ракомет и Вествиен ќе се сретнат двапати во само 24 часа. Двата меча ќе се одиграат на 29 и 30 ноември, со почеток во истиот термин од 19:00 часот.