Серафимов: Ми се допаѓа што Алкалоид го задржа костурот на тимот

Мартин Серафимов и во новата сезона ќе биде дел од бековската линија на Алкалоид. Тимот ќе игра на четири фронта за титули, а македонскиот репрезентативец со нетрпение ја очекува новата сезона.

Додека клубот се подготвува на Маврово, Серафимов за клупската интернет-страница направи пресек на случувањата и на текот на подготовките, за кои вели дека течат во добар тек.

„Целиот тим на подготовките работи како едно, имаме одлични услови за физички и тактички добро да се подготвиме за она кое ни доаѓа. Многу ми се допаѓа што костурот на Алкалоид ни остана ист, само го надградивме со неколку нови играчи. По подготовките во Маврово ќе ни следат пријателските натпревари на кои ќе гледаме да се воиграме максимално. Мора добро да се подготвиме за Суперкупот, но него ќе го анализираме откако ќе ги минеме сите подготовки. Сега фокусот ни е добро да се спремиме и не размислуваме за ништо друго“, изјави Серафимов.

Прв официјален предизвик за Алкалоид ќе биде натпревар во Суперкупот на Македонија против Еурофарм Пелистер кој е предвиден да се игра на почетокот на септември.