Серафимов: Ја зграпчивме нашата шанса, трофејот во Купот е тимски труд

Мартин Серафимов и Алкалоид го освоија првиот трофеј во историјата. Младиот суперлигаш го победи Еурофарм Пелистер по пенали и дојде до првото место во Купот на Македонија. По мечот, бекот не ги криеше емоциите и им честита на сите за големиот успех.

„Пресреќен сум што го освоивме завршниот турнир на Купот. Ова можам да кажам дека е тимски труд, сите дадовме се од себе и така дојде резултатот. Многу го сакам целиот тим, сите го дадовме максимумот и на крајот заврши како што заврши - во наша корист. Не стававме многу работи на срце, трениравме напорно и работевме за овој успех. Многу сум задоволен што се пресликавме во оние тешки, финални моменти. Очекувавме тесни натпревари, но верувавме дека можеме да победиме. Гледавме како наша шанса, која моравме да ја зграпчиме. И успеавме“, изјави Серафимов.

Алкалоид до крајот на сезоната го чекаат уште два натпревари во кои ќе го брани третото место на кое се наоѓа сега, а носи место во Европската лига на ЕХФ.