Сензација во Словенија: Целје го „тресна“ Кил во ЛШ!

Ракометарите на Целје Пивоварна Лашко приредија огромно изненадување и на отворањето на второто коло во Лигата на шампионите пред својата публика го „треснаа“ големиот Кил (38-36). Словенечкиот шампион беше тотален аутсајдер на средбата со германскиот гигант, но на терен покажа неведена борбеност и квалитет и заслужено ја впиша првата победа во сезоната во елитата, по стартниот пораз од Алборг.

Шампионот од пред три сезони по убедливата игра против Елверум во првото коло се чинеше дека нема да има проблеми на гостувањето во Словенија, но бундеслигашките ѕвезди не најдоа решение за разиграниот домаќин и на крај мораа да се помират со неочекуваниот пораз.

Во таборот на Целје блесна Влах со десет погодоци, а по пет имаа Иванковиќ и Цокан. Кај Кил Винчек броеше до десет, а по шест погодоци запишаа Рајнкинг и Јакобсен.

Екипата на Алборг со нова победа го потврди одличниот старт во Лигата на шампионите. По убедливата претстава против Целје во воведното коло, вечерва амбициозниот дански клуб славеше над Елверум во скандинавското дерби во елитата, со резултат 25-33.

На натпреварот кој што го судеа македонските арбитри Николов и Начевски, данската супер-ѕвезда Микел Хансен одново беше на ниво. Можеби не како на дуелот со словенечкиот шампион, кога постигна десет гола, но со вечерашните шест одново беше меѓу најдобрите во редовите на Алборг. Кај поразениот тим се истакна Нилсен со пет погодоци.