Сензација во групата на Македонија: Азербејџан ја шокира Литванија!

Женската ракометна репрезентација на Азербејџан приреди сензација и ја совлада Литванија (35-33) во квалификациската група за Европското првенство во која се натпреварува и Македонија. 

Средбата во Баку понуди израмнето надигрување, Литванките имаа предност од три гола во првиот дел во повеќе наврати, ама не успеаја да ги материјализираат. На паузата резултатот беше нерешен 18-18, а потоа во игра гол за гол на крајот се радуваше домаќинот.

Азербејџанките водени од Камила Бајрамова која даде 13 гола дојдоа до многу важна победа. Иако и Литванија е аутсајдер, пред стартот на циклусот на Азербејџан практично и не му се даваше шанса за било каков успех. 

Сега, во групата Азербејџан е на третото место со два бода, па математички има шанса да се бори за место на завршниот турнир.

Македонија в четврток ќе ја дочека репрезентацијата фаворит Шпанија во СЦ „Борис Трајковски“, во дуелот на досега непоразените.