СЕНЗАЦИЈА: Мешков му нанесе втор пораз на непрепознатливиот ПСЖ!

Ракометарите на Мешков Брест направија сензација и стигнаа до победа против фаворизираниот ПСЖ во Лигата на шампионите (32-31).

Првиот дел беше перфектен за белорускиот шампион, кој постигна дури 19 гола во мрежата на парижани и замина на пауза со предност од +5. Продолжението донесе очекуван одговор од гостите, кои постојано се обидуваа да фатат резултатски приклучок. На пет минути до крајот намалија на 28-27, но и тоа не беше доволно.

Заморот беше очигледен кај избраниците на Раул Гонзалез, а тоа максимално го искористи Мешков за втора домашна победа оваа сезона. Ваилупау беше одличен и заврши со седум гола, а Паниќ со шест и Санталов постигна по пет гола. Кристопанс со седум погодоци беше прв стрелец кај „принцевите“.

Во ефикасно надигрување, Веспрем освои цел плен кај Мотор Запорожје (34-37). Ненадиќ блесна со десет, а Манасков заврши со еден погодок.