Селекторот на Португалија до Лазаров: Добар жолт картон...

Португалија како голем фаворит освои само бод против Македонија (29-29), што е големо разочарување и за тимот и за тамошната јавност која ова Европско првенство (ЕП) го следи со големи очекувања.

Португалците во еден момент водеа со пет гола, а Македонија иако со голем хендикеп, црвен картон и двајца повредени играчи, успеа да дојде до бод. Во завршницата имаше вистинска драма и резултатска бркотница.

Можеше мечот да биде поинаков, да замине на страна на Португалците, да не беше моментот кога на три минути пред крајот македонската клупа скокна и направи притисок кон судиите да гледаат ВАР.

Босанците тоа го прифатија, гледаа ВАР и увидоа дека има пенал врз Игор Ѓорѓиев. Седмерецот беше реализиран, а заради протестите, клупата на Македонија доби жолт картон, поточно Столе Стоилов, стои во записникот.

И додека играчите и тренерите минуваа низ микс-зоната, имаше еден интересен момент. Селекторот на Португалија мина зад грбот на Лазаров додека македонскиот селектор даваше изјава и му се обрати со зборовите „Добар жолт картон...“, алудирајќи на моментот кој ја остави Македонија во игра.

Лазаров со насмевка кажа „ете, една мала провокација од колегата“, и продолжи со изјавата за македонските медиуми.