Селекторот на Финска: Ќе се обидеме да ги скротиме Лазаров, Хансен и Шмид...

Finska

Ждрепката за квалификациите за Европското првенство 2022 година на Македонија и донесе противници во Финска, Швајцарија и Данска. Ако се земе предвид квалитетот на групата, нашата репрезентација мора да биде задоволна од ривалите преку кои ќе бара пласман на континенталниот собир во Унгарија и Словачка.

ПОВРЗАНО >>> Македонија против Данска, Швајцарија и Финска ќе се бори за ЕП 2022!

Финскиот селектор Ола Линдгрен ја коментираше групата во која неговиот тим ќе има улога на аутсајдер. Сепак, тој смета дека финските репрезентативци не треба да се предадат и да се обидат да ги скротат играчите од светска класа на противничките селекции.

„Можеби можевме да имаме повеќе среќа и да добиеме полесна ждрепка. Но, ако се наоѓате во четвртиот шешир, тогаш мора да очекувате квалитетни противници. Ние гледаме на натпреварите како предизвик да се тестираме против најдобрите. Ќе имаме можност да ги видиме „дупките“ во нашата игра и со тоа да се поправиме, за да имаме можност за настап на едно големо првенство.

Наши најголеми закани ќе бидат Лазаров, Хансен и Шмид. Против нив треба да одиграме внимателна одбрана и да ги скротиме. Тие се играчи од светска класа, но ние нема да потклекнеме пред нив“, вели 56-годишникот.

Македонија и Финска ќе се сретнат уште во првото коло, кога нашата репрезентација ќе биде домаќин. Финците ќе ги пречекаат избраниците на Данило Брестовац во петтото коло.