СЕХА 2019: Нова сезона, стара песна – Вардар пак на кровот, историско деби на Еурофарм

Нова сезона, стара песна - Вардар и покрај големите проблеми низ кои минуваше, повторно доминираше и го освои третиот трофеј во низа во СЕХА лигата, вкупно петти од формирањето на регионалното натпреварување, кое од година во година е сè поквалитетно и повозбудливо. 

Македонскиот шампион одигра уште еден фантастична СЕХА сезона. Доминираше од првиот, до последниот натпревар, а шлагот на тортата го стави во големото финале против ППД Загреб во Брест, на кое славеше со сигурни 23-26.

„Црвено-црните“ без никакви проблеми како лидери ја завршија групната фаза, со 14 победи и четири порази, од кои два во самиот финиш, откако сè беше решено. На завршниот турнир, кој се одржа во Брест, покрај нашиот тим учество изборија уште хрватските тимови ППД Загреб и Нексе Нашице, како и домаќинот Мешков. Вардар токму преку домашната екипа се избори за финале, кое рутински го доби против шампионот на Хрватска. 

Ланската сезона Македонија во регионалното натпреварување ја претставуваше и тимот на Металург, кој не се прослави и од 18 натпревари запиша само четири победи, имаше едно реми и 13 порази. Групната фаза ја заврши на претпоследната позиција, зад Извиѓач. 

Иако заврши со најмногу победи, Вардар не беше тимот со најмногу погодоци во сезоната. Тој примат му припадна на Мешков Брест со 620 гола на 20 натпревари, Вардар постигна 563, додека Металург заврши на третото место со 494.

За најдобар стрелец на сезоната прогласен беше Грозданиќ од Војводина со 102 гола, а единствениот вардарец во ТОП 10 беше Кристопанс кој заврши на деветтото место со 64 гола. Морено Цар со 140 одбрани беше најуспешниот голман, за МВП на сезоната беше прогласен Златко Хорват од ППД Загреб, а на Ф4 најкорисен беше Кристопанс од Вардар. 

Новата сезона на СЕХА пак стартуваше со голема промена. Сега, регуларниот дел е составен од две групи од по шест екипи, а сите ќе добијат шанса во елиминацијата фаза (првите две од групата патуваат директно во четвртфинале, додека останатите ќе играат осминафинале).

Новост е и учеството на кинески Универзитет, како и руски Спартак Москва, додека од оваа сезона Македонија го доби својот четврти учесник во историјата – Еурофарм Работник, кој пак во пролетниот дел од сезоната ќе игра под името Еурофарм Пелистер. 

Битолскиот клуб зад себе остави одлична полусезона, го победи Веспрем пред домашната публика, а групната фаза ја заврши на четвртата позиција со четири победи и шест порази. Во осминафиналето го чека двомеч со Нексе Нашице, а доколку обезбеди четвртфинале, ќе се судри со шампионот Вардар.