Сегед со авион и два автобуси до Битола, па директно на тренинг

Ракометарите на ПИК Сегед се следниот ривал на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите и екипата ќе има долг пат додека пристигне во Битола на мегдан со „зелените“.

Утрово експедицијата тргна со својот тимски автобус од Сегедин, а прва станица ќе им биде српски Белград, од каде екипата ќе продолжи со авионски лет до Скопје. Потоа, од македонската престолнина ќе следи уште едно возење со автобус до конечната дестинација – Битола, вториот по големина град во државата.

ПИК Сегед нема да мирува, затоа што веднаш по сместувањето во хотелот, ќе се продолжи со обврските за натпреварот. Главниот тренер Михаел Апелгрен веќе закажал попладневен тренинг во спортската сала „Боро Чурлевски“, каде што унгарскиот претставник ќе се обиде да се адаптира на условите и да го финишира тактичкиот план пред претстојниот европски дуел.

Амбициите на Сегед за мечот во Битола се јасни, тимот сака да го продолжи позитивниот настап во групната фаза, меѓутоа секогаш е тешко да се победи Еурофарм Пелистер кога игра пред домашната публика.

„Мечот на неделата“ во Лигата на шампионите се игра во среда од 20:45 часот.