Седум одбрани на Митревски со европскиот првак, полски нокаут за Веспрем

Македонскиот голман Никола Митревски и неговиот Порто доживеаја нов пораз во Лигата на шампионите. „Змејовите“ дома загубија од Магдебург (31-40) во ефикасен дуел за крај на годината и за двата тима во Лигата на шампионите.

Чуварот на мрежата имаше седум одбрани, но Порто не најде решение за европскиот првак. Сега доста е комплицирана борбата за следната фаза во Лигата на шампионите на португалскиот првак и на Митревски.

Причина за тоа е победата на Висла Плок на домашен терен со Веспрем (37-30). Најголемо изненадување на вечерта, ако се согледаат сите резултати. Висла сега има шест бода, исто колку и Порто. Фазекас даде пет гола за победникот, пред Зарабец со пет гола, додека кај Веспрем, Дескат заврши со осум, а Косоротов со шест гола.

Во последниот меч Барселона сигурно го победи Целје (39-30) во „Палау Блауграна“ и остана на врвот во групата А.