• Иван Димовски
Ракометната репрезентација на Македонија направи голем подвиг и по поразот на гости кај Фарски Острови (34-27), направи епски пресврт и дома победи со 34-26 за пласман на СП 2025. Кога по последниот меч на претходното Европско првенство и победата над Швајцарците сите зборувавме за избегнување на големите ривали во баражот, среќата ни ја даде сензацијата од турнирот – Фарски Острови.
Констатацијата се покажа како точна, повиците на претпазливост на селекторот Кирил Лазаров и играчите се потврдија на гостувањето во Торшавн. Таму Македонија немаше решение за неверојатниот Елиас Елефсен а Скипаготу кој беше прво име, учествувајќи во 27 од 34. гола на Фараните. За среќа, Лазаров успеа да го консолидира нашиот состав, а и да „скова“ тактика за ракометарот на Кил од кој во голема мера зависи играта на Фарските Острови. Со исфрлен играч или т.н. фластер, најчесто од Иван Џонов се обидувавме да го запреме Скипаготу. Тој пак даде осум гола од десет обиди, меѓутоа евидентно беше дека не може колку сака да „твори“ како во Торшавн. Дури и во моментите кога ривалот играше со ракометар повеќе, односно „седум на шест“, одбраната беше солидна и задржа неколку клучни напади. За одбраната и самиот Лазаров призна дека морал да „измислува“ решенија: „Ова беше специфична одбрана која ретко се игра. Меѓутоа, со ваков тип на противник и при ваков резултат, ако игравме со „шест-нула“ ќе немавме што да бараме“. Голманите можеби немаа свој ден, Никола Митревски имаше четири интервенции, меѓутоа две беа во моментите кога се кршеше резултатот на старт, а уште неколку пати ги натера противниците на промашување.
Вистинската „магија“ на Македонија беше во нападот. Лазаров се реши за интересна одлука, бидејќи голем дел од натпреварот игравме без класично крило. Џонов кој игра како бек целиот меч го мина на лево крило, додека на спротивната страна играа Серафимов, Велковски, Јагуриновски... Македонија така беше опасна за шут од надворешните позиции константно, се правеше простор за бековите и тоа функционираше. Блескави настапи имаа Филип Кузмановски кој даде седум, Марко Митев со шест, а забележителен меч одигра и Серафимов со пет тешки гола. Не смее да се заборави ниту учинокот од линијата за шест метри. Со многу „разигрувачи“ и бекови Фараните константно беа во опасност за игра на кружен напаѓач, а оттаму Жарко Пешевски беше перфектен со „осум од осум“. Освен споменатите, меѓу стрелците се запишаа Џонов и Лазаревски по двапати, а еднаш погоди и голманот Никола Митревски.
Овој епски пресврт на Македонија е многу важен и од друг сегмент, а тоа секако е континуиетот на големите натпреварувања. Од 2012 година наваму не се случило нашата репрезентација да пропушти Европско или Светско првенство, а тој тренд ќе продолжи и на СП 2025. Речиси сигурно е дека наш дом за следниот Мундијал ќе биде Вараждин, Загреб или Пореч, односно Хрватите се очекува да одберат каде би нè сместиле. Едно е сигурно, ваква борбена и полетна Македонија сите сакаме да гледаме.
Извлекувањето за групите за следното Светско првенство е на 29 мај, а тогаш ќе биде познато и каде ќе играме. Веднаш потоа ќе може да се започне да се крои планот за настапот на Мундијалот од кој одново нема да изостанеме, за разлика од дел од балканските репрезентации како Србија и Црна Гора...