• Редакција Gol.mk

На неколку дена до почетокот на домашниот ракометен шампионат се подготвува уште еден голем трансфер. Вицешампионот Еурофарм Пелистер преговара за доведување на нов среден бек, кој потекнува од школата на Пари Сен Жермен.
Битолскиот клуб веќе со недели води преговори со Саду Нтанзи, 26-годишен француски среден бек. Се работи за ракометар во полна ракометна зрелост, со трофеи зад своето име и настапи во Лигата на шампионите. Нтанзи кариерата ја започна во Пари Сен Жермен, клуб во кој најдолго се задржа и освои најмногу трофеи (три шампионски титули во француското првенство). Следеше позајмица во Феникс Тулуз, па меѓународни искуства во унгарска Татабања, катарски Ал-Араби и германски Мелсунген, каде ја мина последната сезона.
Нтанзи треба да дојде на местото на Омер Мехмедовиќ, кој пред неколку дена спогодбено раскина со битолчани и потпиша во Австрија.
Новата Суперлига почнува викендов, а во првото коло Еурофарм Пелистер гостува во Охрид.





