• Саше Љолес
Романија дефинитивно се обидува да го заземе водечкото место во европскиот женски ракомет. Откако ЦСМ Букурешт и Рапид објавија дека имаат огромни буџети за сите предизвици, наскоро кон нив ќе се приклучи уште еден клуб, кој изгледа дека ќе има повеќе пари од другите два гиганти заедно.
Се работи за клубот Глорија Бистрица, кој минатата година имаше буџет од малку над пет милиони евра, а за оваа година најавите се уште пооптимистички и средствата се зголемуваат на седум милиони, пренесува „Проспорт“. Ова значи дека клубот од Бистрица ќе има вкупен буџет поголем од оние на двата најголеми ривали (Букурешт има 3,6 милиони, Рапид има 2,8 милиони), што претставува апсолутен рекорд во Романија.
Тренер на Глорија е селекторот на женската романска репрезентација, Флорентино Пера, кој се бори за второто место со Рапид Букурешт во домашниот шампионат. Романската лига се смета за еден од најсилните, не само во Европа, туку и во целиот свет, а во моментов Глорија Бистрица има 12 победи и три порази, но има големи шанси да се вмеша и во борбата за врвот, каде ЦСМ Букурешт има три победи повеќе.
Романскиот ракомет има долга и богата традиција, ЦСМ Букурешт беше и европски првак пред три години, но изгледа дека и другите клубови не се задоволуваат само со трофеи во домашниот шампионат и стануваат сѐ посилни и посериозни во меѓународни рамки.