Вардар соопшти: Дадовме гаранции за долговите, но ЕХФ не ги прифати!

Откако Европската ракометна куќа (ЕХФ) го исфрли Вардар 1961 од своите натпреварувања, се чекаше официјална клупска реакција. Првиот човек на клубот, Михајло Михајловски сега преку веб страницата упати порака до јавноста. 

Вардар преку официјално соопштение ја објасни ситуацијата, нагласено е дека скопскиот тим дал гаранции за исплата на долговите од претходното раководство, меѓутоа ниту тоа не ја спречи Европската ракометна федерација (ЕХФ) да го казни. Михајловски ги повика и спонзорите, како и лицата кои ветиле дека ќе му помогнат во овој проект, но не го одржале зборот нагласувајќи дека Вардар е бренд.

​Соопштението на РК Вардар 1961 ви го пренесуваме во целост:

„Почитувани спортски пријатели, навивачи и поддржувачи на РК Вардар

По освојувањето на двојната круна во Македонија, со нетрпение го очекувавме почетокот на новата сезона во која повторно ќе играме меѓу најдобрите екипи во Лигата на шампионите. Стабилноста на клубот последните две сезони ни дава за право да се надеваме на повторување и подобрување на постигнатите резултати досега.

За жал од ЕХФ на 17 јуни 2022 години, добивме известување дека поради ненавремено подмирување на обврските Вардар не може да игра во Лигата на шампионите следната сезона. Во изминатиов период од две години беа подмирени обврски во висина од околу 2.3 милиони евра и беше уплатен депозит на сметка на ЕХФ во висина од 300.000 евра.

На 21 јуни 2022 години во утринските часови РК Вардар 1961 АД Скопје вложи приговор до ЕХФ и понуди издавање на неотповиклива банкарска гаранција за обврските над износот на депозитот од 300.000 евра, кој што ќе бидат верификувани. Но, ЕХФ на 22 јуни не го прифати тоа, и ја потврди одлуката за исклучување.

Во изминатите две години РК Вардар 1961 АД Скопје, вложи максимални напори да го одржи ракометниот клуб на високо ниво, а во исто време да се вратат долгови кон играчите. Иако беше ветена голема поддршка за жал таа изостана од оние кој што најмногу ветуваа и инсистираа да се преземе управувањето со клубот.

При преземањето на клубот во правна постапка согласно законските прописи со која што РК Вардар 1961 АД Скопје, стана правен следбеник на клубот официјалните податоци укажуваа на заостанати обврски спрема играчи во висина од 2.5 милиони евра. Во време на светска криза и пандемија кога сите се соочуваат со проблеми од најразлична природа, а најмногу финансиска клубот успеа да го сервисира стариот долг што го имаше кон играчите од пред неколку сезони кога двапати беше европски шампион. Истовремено редовно да се сервисираат и сите обврски во однос на платите и настапите во Лигата на шампионите, каде најчесто се патуваше со чартери кои чинат многу поскапо од редовните линии, а со цел да се заштити здравјето на ракометарите во ситуација на ковид-19 пандемијата.

Вистина е дека РК Вардар 1961 АД Скопје имаше задоцнување во временската рамка кој што ја доставуваше за исплата на заостанатите обврски, при што последната исплата од 500.000 евра предвидена за исплата до 15.05.2022 год. се реализираше до 31.05.2022 год. Со оваа исплата и со искористувањето на депонираните средства РК Вардар 1961 АД Скопје сметаше дека целосно се подмируваат заостанатите обврски пред преземањето на клубот.

Досега ниту еден играч нема поднесено тужбено барање пред суд во Македонија или пред Арбитражен суд на ЕХФ за износ поголем од исплатениот износ. Составот за новата сезона е веќе направен и со право сметаме дека сме посилни од лани. Донесените засилувања беа ангажирани со цел да одиме чекор напред. Вардар бил и секогаш ќе биде македонски спортски бренд. Како таков заслужува да добие поддршка кога му е најпотребно, зошто пријателите се познаваат токму во такви ситуации.

Во следните неколку денови ќе имаме почиста слика за ситуацијата со клубот, а нашите следни чекори ќе бидат обелоденети во понеделник за кога клубот ќе има прес-конференција на која ќе објави повеќе детали.

Михајло Михајловски
Генерален менаџер на РК Вардар 1961 АД“. 

Доколку не дојде до некаква промена во ситуацијата, ова ќе биде огромен и можеби непремостлив проблем за Вардар. Буџетот тешко ќе може да се одржи само со играње во Суперлигата и можеби во СЕХА, па многу веројатно ќе има промени. Сепак, во Вардар се надеваат на некаква позитивна одлука и поинаков исход на ситуацијата.

Клубот најави прес-конференција в понеделник, на која ќе биде дополнително разјаснета ситуацијата.