Се огласи „трагичарот“ на Норвежаните: Се чувствувам грозно...

Светското ракометно првенство дојде до клучните моменти, а засега најлуд натпревар одиграа Норвешка и Шпанија. Скандинавците несвојствено и речиси аматерски прокоцкаа сигурна победа против „фуријата“. 

Во последната минута, Норвежаните имаа напад, играч повеќе и 20 секунди да потрошат за да истече времето. Еден од најискусните играчи, Кристијан Бјорнсен направи грешка, наместо да упати удар и да го потроши времето, тој на пет секунди до крајот одигра пас назад. Таа топка беше пресечена и на спротивната страна Даниел Душебаев погоди за егал. 

„Се чувствувам грозно... Ги упропастив двете клучни ситуации за нашата селекција. Навистина ми е жал“, кратко прокоментира Бјорнсен. 

Норвешката јавност не може да му земе за зло на Бјорнсен, бидејќи играчот со години е еден од најдобрите во тимот. Во вчерашниот натпревар погреши, а Шпанија погоди за продолженија кои потоа ги доби, меѓутоа тоа не го смалува учинокот кој го имаше низ годините.