„Се надевам и догодина во Битола ќе доаѓаат гиганти во ЛШ“

Еурофарм Пелистер како првак на Македонија во минатата сезона настапува во Лигата на ракометните шампиони. Сепак, тој статус по оваа сезона се губи, бидејќи коефициентите од минатото истекуваат и Македонија останува без сигурно место во елитата.

И покрај тоа, предводникот на пелистерци, Бранислав Ангеловски, верува во шансите доколку пак бидат прваци во Суперлигата, да добијат „вајлд-карта“ за настап во ова натпреварување.

„Треба да уживаме, да дадеме максиумум и треба да се поздравиме со Лигата на шампионите со мисла дека многу бргу пак ќе бидеме дел од ова елитно натпреварување. Со уште поголеми амбиции да влеземе во новата сезона. Се надевам ќе ни доаѓаат гиганти и следната година преку вајлд-карта“, изјави Ангеловски.

Овогодинешниот настап на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите не е позитивен, на скор се од дванаесет порази во исто толку натпревари, а в среда ги очекува последниот домашен натпревар со Алборг.