• Горан Упале
Европската ракометна федерација (ЕХФ) објави дека вкупно 27 екипи се пријавиле за настап во машката Лига на шампиони за сезоната 2026/27, која од оваа година ќе претрпи значителни промени. Новото издание на елитното натпреварување ќе брои 24 екипи, распределени во шест групи од по четири тима, што претставува проширување на досегашниот формат.
Од пријавените клубови, 21 доаѓаат од земји со загарантирано место во Лигата на шампиони, меѓу кои се Германија, Шпанија, Франција, Данска, Полска, Унгарија, Романија, Португалија, Хрватска и Норвешка. Шампионите од овие држави имаат сигурно учество во групната фаза.
Дополнително, десет клубови од овие земји поднеле барање за „вајлд-карта“, додека уште шест екипи аплицирале од држави кои немаат директно место во елитното натпреварување. Меѓу нив е и македонскиот шампион Вардар 1961, кој повторно се надева на враќање на европската сцена. Покрај Вардар, барања поднеле и клубови како Целје, Партизан, Криенс-Луцерн, Валур и Кристијанштад. Посебно место меѓу учесниците има германскиот Мелсунген, кој обезбеди директен пласман по освојувањето на Европската лига.
Сите апликации ќе бидат разгледани од специјална комисија составена од ЕХФ, ЕХФ Маркетинг и претставник на Форумот на клубови, по што конечната одлука ќе ја донесе Извршниот комитет. Имињата на учесниците во Лигата на шампиони ќе бидат официјално потврдени на 22 јуни, само неколку дена пред ждрепката за групната фаза кој ќе се одржи на 26 јуни во Виена.
Останува да се види дали Вардар ќе добие зелено светло и повторно ќе стане дел од европската ракометна елита.
