Се гради нов ракометен гигант со драстично зголемен буџет и сон за европскиот трон

Норвешкиот клуб Колштад во претходните неколку години подготвува напад на европскиот врв. Тимот од Скандинавија полека, но сигурно го гради тимот со кој треба да застане рамо до рамо со големите гиганти. Без многу брзање, со добро бирање на засилувањата и под диригентска палка на прославениот Кристијан Берге, Колштад тивко работи на остварувањето на целите. 

Во тимот веќе пристигнаа неколку ѕвезди како Торбјорн Бергеруд, Ветле Ек Ага и Магнус Гулеруд. Потоа дојдоа и Исланѓаните, Гудјонсон и Смарасон, но вистинскиот „бум“ се очекува по крајот на оваа сезона. Веројатно еден од најдобрите ракометари на светот, Сандер Сагосен ќе го замени Кил со Колштад, a пристигнуваат и Јоханесен и Магнус Абелвик. 

Да се привлечат вакви имиња назад во Норвешка, која е без голем клупски успех е неверојатно дело. Колштад пред неколку години имаше буџет за плати од само 850.000 евра, меѓутоа истиот од следната сезона ќе биде 7,1 милион евра. Со таков буџет, секој тим би бил конкурент за врвот во Европа, Колку за пример, Вардар имаше многу помалку средства кога стана европски првак. 

Според јавните информации, од Колштад следната сезона поголем буџет во Европа ќе имаат само Барселона, Кил, Веспрем, Киелце и ПИК Сегед. Колштад во моментов е првопласиран во Норвешка и се очекува да го детронизира Елверум, по што ќе добие место во Лигата на шампионите.