• Мартин Танасковски
Македонската ракометна репрезентативка Јована Саздовска е пред нов предизвик во својата кариера, откако се реши да се врати во романскиот ракомет.
По четири години минати во Германија, играјќи за Турнигер, левото крило од следната сезона ќе настапува за тимот на Дунареа Браила, клуб со кој ќе игра во новоформираната Европска лига. Македонката вели дека му се радува на предизвикот и дека сака што е можно повеќе успеси.
„Среќна сум затоа што успеавме да постигнеме договор со Дунареа Браила. Едвај чекам да почнам да тренирам, да ги сретнам новите соиграчи и да се запознаам со стручниот штаб. Сакам да се развивам како ракометарка и да давам што е можно повеќе голови. Чекам и на средба со навивачите со кои сакам да уживаме заедно во што е можно повеќе победи. Потребна ни е нивната поддршка“, изјави Саздовска.
За Саздовска трансферот во Дунареа Браила претставува и враќање во романскиот ракомет, откако пред да се пресели во Германија една сезона настапуваше за тимот на Магура. 26-годишната репрезентативка потекнува од школата на Металург, а во Македонија ги бранеше боите и на Вардар.