Саздовска: Романија се гледа во следната рунда, да им го поматиме видот...

По вториот пораз на шампионатот, женската ракометна репрезентација на Македонија, целосно е фокусирана  на Романија, противник против кој мора да се победи, доколку се сака да се остане на Европското првенство, кое меѓу другото се игра и во Скопје.

Поразите од Франција и Холандија веќе се заборавени, па сега девојките на Љубомир Савевски, сите мисли ги насочија кон клучниот натпревар за третото место во групата. Тоа го потврдува Јована Саздовска, која вели дека се надева на изненадување против третиот фаворит против нас на овој дуел.

„Фокусирани сме само на натпреварот со Романија, се работи за доста сериозен противник, исто како Францја и Холандија. За да бидеме подобри, мора да ги намалиме техничките грешки и да не промашуваме зицери. Мора да го сфатиме сериозно овој натпревар. Мислам дека Романија се гледа себеси понатаму, но се надевам дека ќе им го замаглиме тој вид на крај. Сакам да сме рамо до рамо со нив цела средба.

Мора да научиме од грешките од минатите натпревари, доста е важен стартот на натпреварот, затоа што по него се гледа во која насока ќе оди дуелот. Ако влеземе со 0-5, тогаш ќе бидеме во проблем како и претходно. Мора да играме слободно, да уживаме во играта, но не и да се прават нерационални работи“, изјави Саздовска.

Натпреварот меѓу Македонија и Романија, која што исто така има два порази, се игра в среда, со почеток од 18:00 часот.