• Мартин Танасковски
Јована Саздовска беше последната слободна ракометарка од распаднатиот ЖРК Вардар, но си најде нов ангажман. Кариерата ќе ја продолжи во германската Бундеслига, каде ќе ги брани боите на Турингер.
Левото крило потпиша договор со учесникот во ЛШ до 2020 година и вели дека се радува на новиот предизвик и едвај чека на стартот на новата авантура. Посебни пофални зборови има за тренерот Хербер Милер.
„Среќна сум што Турингер е следниот чекор во мојата кариера. Бев многу поласкана кога слушнав дека по барање на тренерот Милер, Турингер ме сака во својот тим. Ми претставува голема чест да бидам дел од ваков успешен тим. Турингер доминира во Германија, а исто така е и редовен учесник во ЛШ. Милер има одлична репутација тука во Македонија, затоа што разви и откри многу млади ракометарки. Тимот ме прифати одлично и едвај чекам на стартот на новата сезона. Подготвена сум да дадам 100% од себе за Турингер“, изјави Саздовска.
Саздовска покрај во Вардар во минатото настапуваше и за ЖРК Металург. За неа ова е втора интернационална авантура во ракометната кариера, откако претходно беше дел од романската Магура Чиснадие.