Савревски: Со дисциплирана игра и борбеност до победа над Алкалоид!

ГРК Охрид во сабота (18:30 часот) го очекува еден од најинтересните натпревари во оваа сезона во Суперлигата, бидејќи на домашен терен ќе го пречека Алкалоид. Охриѓани влегуваат во дуелот со голема мотивација, но свесни се дека против себе ќе имаат многу квалитетен противник.

Домашниот терен и поддршката од трибините се очекува да бидат важен фактор за охридскиот состав, кој најавува максимален ангажман од првата до последната минута.

„Се подготвуваме максимално и свесни сме дека нè очекува многу тежок натпревар. Со дисциплинирана игра, максимална борбеност и голема поддршка од охридската публика, во сабота одиме по победа“, изјави ракометарот на ГРК Охрид, Давид Савревски.

Охриѓани очекуваат полни трибини и силна поддршка во обид да стигнат до значајни бодови против еден од најквалитетните состави во лигата. Натпреварот воедно ќе биде добра можност ГРК Охрид пред својата публика да покаже дека има амбиции за висок пласман и оваа сезона.