Савевски: Преземам одговорност, Украина ме изненади со брзата игра

Иако добија посакуван ривал во баражот, македонските ракометарки загубија од Украина со 22-24 и ќе мора да се надминат себеси на реваншот во Унгарија во вторник, за да се пласираат на Светското првенство во декември.

Селекторот Љубомир Савевски ја презеде одговорноста за поразот, предизвикан од лошиот старт на натпреварот.

„Првите полувремиња ни се катастрофални веќе втора година. Не знам дали домашниот терен создава голем притисок, но на гости играме подобро. Игравме многу лошо, слабо во одбрана и напад, а имавме и слаб ефект на голманите во првото полувреме.

Во вториот дел одигравме подобро. Се надевам дека на реваншот во Унгарија ќе бидеме подобри. Ако се поправиме можеме да изненадиме во вториот меч”, смета селекторот.

Тој подоцна се осврна и на можноста да ја напушти оваа функција, бидејќи договорот му истекува во септември. 

„Ако не успеам да направам селекција ќе преземам комплетна одговорност. Сите имавме големи очекувања, но Украинките ме изненадија во првиот дел со брзата игра“, рече Савевски.

Возвратниот натпревар на двете селекции се игра во вторник од 17:00 часот на неутрален терен во Унгарија.