• Зоран Мишевски
По преспиената ноќ веројатно е заборавен поразот од Холандија и македонските ракометарки се насочуваат кон „финалето“ против Романија. Избраничките на Љубомир Савевски имаат нешто повеќе од еден ден да го подготват натпреварот против Неагу и другарките, а стручниот штаб мора да работи и на главата на ракометарките по двете разочарувања.
На денешната средба со новинарите селекторот Љубомир Савевски говореше за следниот противник Романија. Кажа дека ако се посакува успех, не смее да ѝ се дозволи на противничката селекција да се одлепи рано во мечот.
„Романија е репрезентација во создавање, имаат спој на младост и искуство. Не се во рангот на Холандија и Фрнација, но се големи фаворити во однос на нас. Ние на состанокот кажавме дека против Романија мора да извлечеме поука и да ја подобриме играта во одбрана и напад и да не дозволиме противникот да создаде разлика, затоа што многу е тешко да се брка резултат“, изјави Савевски.
Денес е слободен ден за групата во Скопје, а од групата во Подгорица сигурно во главната групна фаза во Македонија доаѓа Црна Гора, а за уште две места во последното трето коло се борат Полска, Германија и Шпанија.