Савевски: Не сакав помош затоа што сме домаќини, ама се немаше ист аршин!

Селекторот на Македонија, Љубомир Савевски, беше разочаран од арбитражата по натпреварот меѓу репрезентациите на Македонија и Исланд кој заврши со победа на противникот (22-25) и го остави нашиот национален тим без четвртфинале на СП во Скопје.

По натпреварот, предводникот на нашата селекција кажа:

„Се потрошивме многу на овие натпревари. Игравме со мал ростер, можеби моја е таа вина. Имавме шанса, имавме шут на празен гол. Којзнае што ќе беше ако погодевме во тие две ситуации. После тоа, веќе крај е, нема шанса во последни две минути да стигнеш. Не сум задоволен од судењето, и на минатата средба и сега. Не дека требаше да ни помогнат затоа што сме домаќини, ама мислам дека благонаклоно гледаа на противниците. Немаа исти аршин. По мое имаше десетина чекори, се гледаа зошто не ги свирнаа не знам. Или не чувствуваат или... Зошто не ги судеа - не знам. Нека се гледа снимка, овие се добри судии, зошто не отсудеа, не знам. Но, да не излезе дека сега со нив се правдаме, далеку од тоа, ние сме си самите виновни за поразот“, изјави селекторот Савевски.

Македонија следниот натпревар за пласман го игра против Германија, в недела од 14:00 часот.