Савевски: На гости ни доаѓа светска сила, сакаме да видиме до каде сме

Женската ракометна репрезентација ќе одигра два натпревари против Норвешка во рамки на априлската ЕХФ неделата. Првиот натпревар ќе се одигра во Скопје на 21 април, а три дена подоцна Македонија ќе гостува во Бекестуа.

Селекторот Љубомир Савевски смета дека овие натпревари против најтрофејната репрезентација на сите времиња се исклучително важни за нашиот национален тим.

„Шест пријателски натпревари против Словенија, Црна Гора и Норвешка се богатство за оваа репрезентација. На гости ни доаѓа светска сила, најтрофејна репрезентација во историјата. Без разлика со каков состав ќе пристигнат, ќе биде одлично искуство за нас. Ние ќе се натпреваруваме за да видеме до каде сме. Нашите размислувања се никогаш да не се предаваме и да одиме на победа на секој натпревар, без разлика на противникот. Се наоѓаме во процес на подмладување на репрезентација, па очекуваме да развиеме квалитет за во иднина.

Речиси никогаш не сме комплетни поради повреди. Имаме млади играчи кои „чукаат“ на вратата на репрезентацијата. Најголемата работа не чека на средината на јуни, подготовките за Европското првенство и настапот на Медитеранските игри. Тоа ќе ни биде база за она што следува наесен. Ќе се обидеме да направиме сериозна репрезентација која може да се носи со било кој противник“, изјави македонскиот селектор.

Влезот во СЦ „Борис Трајковски“ за средбата во Скопје ќе биде бесплатен.