• Горан Упале

Женската репрезентација на Македонија е пред двата клучни натпревари за пласман на следното Светско првенство, кое ќе се одигра во Шведска, Данска и Норвешка.
Во пресрет на двомечот со Украина македонскиот селектор Љубомир Савевски наведе дека напредокот во женскиот ракомет е очигледен, но смета дека доколку се создаде клуб-репрезентација, растот на селекцијата ќе биде уште поголем.
„Создавање на клуб-репрезентација и собирање на речиси сите најквалитетни ракометарки на едно место е за мене најдобрата опција за раст на женската репрезентација. Сепак, во моментов тоа не е возможно. Опција се редовни тренинзи на ракометарките заедно, создавање на силен колектив, но на барање на клубовите тоа неодамна го прекинавме. Напредокот е очигледен и ова е патот по кој треба да продолжиме. Треба да ја развиваме и младинската и кадетската репрезентација. Верувам дека се движиме во вистински правец“, рече искусниот стратег.
Македонија првата средба против Украина ја игра на свој терен, на осми август, додека реваншот е три дена подоцна.