Сара Ристовска не може да си дојде дома, ќе остане во Русија додека трае пандемијата

Македонската репрезентативка Сара Ристовска нема да може да ја напушти Русија додека трае пандемијата со коронавирусот и ќе остане таму додека во Европа не се стабилизира ситуацијата и не се отворат границите.

Информацијата ја соопшти Едуард Акопјан, генерален директор на ЦСКА Москва, во интервју за Риа Новости.

„Јан Лесли и Сабина Јакобсен ја напуштаат Москва, затоа што за нив има летови. Шана Масон е од Бразил, нема да може да си оди затоа што треба да менува аеродроми низ Европа, а моментално ситуацијата не го дозволува тоа. Треба директен лет до нејзината земја. Слична е ситуацијата и со Сара Ристовска, нема директни летови за Македонија, не може да влезе во нејзината земја и преку соседните држави, така што две лица летаат, две остануваат во Русија на паузата“, изјави Акопјан.

Руските ракометни шампионати се во прекин поради ситуацијата со коронавирусот, а ракометната федерација бара решение за иднината. Едно од нив е натпреварите да се играат за време на летото.

Ристовска одлично се покажа во првата сезона во Русија и наскоро се очекува да потпише нов едногодишен договор со московјани.