„Самурајките“ со победа ја отворија главната фаза, успешен ден и за Ангола на СП

Репрезентацијата на Јапонија со победа ја отвори главната фаза на Светското ракометно првенство, славејќи над Швајцарија со конечен резултат 27-21. 

„Самурајките“ имаа водство од три гола на паузата (13-10), а потоа го дотолчија ривалот со одлична игра и во вторите триесет минути. Швајцарија потполно го „загуби компасот“ на средината од вториот дел, па затоа не можеа да се надеваат на поинаков исход од мечот. 

За Јапонија ова се први два бода во главната рунда, а во следното коло ќе игра против селекцијата на Унгарија. Најдобра ракометарка во победничкиот тим денес беше Натсуки Аизава со осум постигнати погодоци. 

Победа оствари и репрезентацијата на Ангола, која ја надигра Чешка со 28-25 во натпреварот од четвртата група. 

Најдобра во дресот на Ангола беше Вилма Ненганга со осум гола, а на спротивната страна шест погодоци забележа Елишка Десортова. 

ФОТО: IHF