„Самураите“ ѝ го нанесоа најтешкиот пораз на Македонија на Мундијалот

Кадетската репрезентација на Македонија со пораз ја заврши групната фаза на Светското првенство (СП) кое се игра во нашата земја и во рамки на 5. коло загуби од Јапонија (22-31).

Азиската селекција имаше одлично отворање на натпреварот и изгради солидна предност која избраниците на Брестовац ја бркаа, но ниту еднаш не дојдоа блиску до изедначување на резултатот. Противникот играше супер-брз ракомет, технички доведен до перфекција, а тоа беше главен проблем за Македонија која не можеше да одговори на таквиот начин на игра. Групната фаза Македонија ја завршува со две победи над Бахреин и Нигерија, како и три порази од Данска, Аргентина и Јапонија и завршува како четврта.

Дуелот почна кошмарно за Македонија, затоа што цели девет минути нашите кадети не успеаја да постигнат погодок. Јапонија имаше расположен голман и со напад преку брз центар, дојде до предност од шест гола (0-6). Кризата ја прекина Костески, но тоа не беше доволно, затоа што Јапонија возвраќаше со голови.

Подобрата игра на Јапонија во првиот дел ја отсликува резултатот по 30 минути игра, кој гласеше 11-15, иако можеше да биде повисок, да не беа обидите на „самураите“ да прават атракции пред голот на Кизиќ.

По воведните пет минути во вториот дел резултатот гласеше 13-19 за Јапонците, а исто темпо азиската селекција диктираше и на десет минути пред финишот, кога имаше највисоки 17-25. До крајот на натпреварот работите не се сменија, па Јапонија ѝ го нанесе најтешкиот пораз на Македонија на ова СП.

Најдобар стрелец кај Македонија беше Костески со осум гола, а Серафимов заврши со четири гола. Кај Јапонците, Харута имаше пет погодока, додека Јошида, Јамагучи, Јашуира и Кани дадоа по четири гола.

>>> Португалија е ривалот на кадетите во осминафиналето на СП

Во осминафиналето Македонија ќе се соочи со селекцијата на Португалија. Дуелите од нокаут-рундата стартуваат на 14 август.