Самсоненко останува мнозински сопственик, во Вардар влегуваат и домашни моќници!

Ракометниот клуб Вардар и понатаму ќе стои на здрави нозе, затоа што договорена е соработка на повеќе компании и бизнисмени, кои во иднина ќе бидат дел од македонскиот ракометен бренд кој беше европски првак.

Сергеј Самсоненко најави заминување од „црвено-црниот“ табор ако не добие финансиска помош од македонските бизнисмени, а по новиот успех на ракометарите и притисокот од нацијата за спас на клубот, во целата акција се вклучија домашните моќници.

>>> ШОК ЗА ПРВАКОТ: Самсоненко се откажува од РК Вардар!

Според информациите до кои дојдовме, Сергеј Самсоненко според најавите ќе остане мнозински сопственик на РК Вардар и ќе продолжи да биде како инвеститор во тимот. Прв човек ќе биде Михајло Михајловски, а во финансирањето, Русинот ќе има голема помош од домашни компании, кои како акционери веќе го потврдиле своето учество во клубот.

>>> Михајло Михајловски: Молам за трпение, Вардар и понатаму ќе е успешен!

Околу креирањето на финансиската конструкција, се чека одговор на уште една голема компанија, чие име засега не се открива, а треба да даде „инјекција“ од нешто околу еден милион евра.

Веќе е договорен состанок на сите страни, на кој, наводно, на играчите ќе им биде соопштено дека нема да треба да бараат нови клубови и дека и во наредната сезона тимот ќе остане ист и ќе атакува на истата цел, а тоа е место меѓу најдобрите четири во Лигата на шампионите.

Самсоненко е во РК Вардар од 2014 година, а тимот со него како инвеститор оствари големи успеси за македонскиот ракомет. Клубот има три учества на Ф4-турнирите во ЛШ, меѓу нив и она пред две години, кога се победија Барселона и ПСЖ и се крена европската круна.